93 години од раѓањето на револуционерот Франц Фанон

СКОПЈЕ, 24.07.2018 – Пред четири дена, на 20-ти јули се одбележаа 93 години од раѓањето на  Франц Фанон – психијатар, панафриканист, филозоф, марксист, револуционер, кој во својот живот и теоретски опус се борел против колонизацијата и ги анализирал социјалните и културните последици од деколонизацијата. Во негова чест, Гласник го преведе заклучокот од неговата најпозната книга „Бедните на светот“ (1961). Делото е класичен текст за условите и атмосферата на колонијалната реалност. „Бедните на светот“ нуди критичка анализа на огромен број прашања кои се однесуваат на формирањето на расниот идентитетот, колонијализмот / деколонизацијата, наративите на ослободителната борба, јазикот, национализмот и насилството и различните начини на кои тие го обликуваат и го менуваат односот помеѓу колонизаторот и колонизираниот.

 

Франц Фанон, 1961 г

Бедните на светот

Поглавје 6: Заклучок

Дојдете тогаш, другари, треба веднаш да си го смениме наравот. Мораме да ја избркаме длабоката темница во кој сме нурнале – и да ја оставиме зад нас. Новиот ден што веќе изгрева мора да го дочекаме цврсти, разумни и решителни.

Мора да ги оставиме соништатата и да ги напуштиме старите верувања и старите пријатели од времињата кога животот се уште немаше почнато. Да не трошиме време на јалови литании и гадни мимикрии. Да ја оставиме оваа Европа каде никогаш не престануваат да зборуваат за Човекот, а сепак убиваат луѓе секаде каде што ќе ги најдат, на ќошињата од секој сокак, на сите страни на светот. Со векови го загушуваат речиси целото човештво во името на она таканаречено религиозно искуство. Погледнете ги денес, загубени меѓу атомската и спиритуална дeзинтеграција.

А сепак, може да се каже дека Европа е успешна – се што се обидела да направи се остварува.

Европа се нафати да го води светот со страст, циничност и насилство. Погледнете како сенките на нејзините палати се протегаат се подалеку! Секое нејзино движење ги растегнува границите на просторот и мислата подалеку. Европа ја одбива секоја скромност и понизност, се истопорува пред секоe сочуство.

Таа се покажува како шкрта и скржава само кон луѓето – само луѓе убива и прождерува.

Па, браќа мои, како не разбираме дека можеме да правиме подобри нешта наместо да ја следиме таа иста Европа?

Таа иста Европа каде никогаш не престанаа да зборуваат за Човекот, и каде никогаш не престанаа да изјавуваат дека само се грижат за добробитта на Човекот – а денес знаеме дека страдањето на човештвото е цената за секој нивен триумф на умот.

Дојдете тогаш, другари, европската игра конечно заврши, мораме да најдеме нешто друго. Денес можеме се да направиме, се додека не ја имитираме Европа, се додека не сме опседнати со желбата да ја достигнеме Европа.

Европа сега живее со еден луд и опасен ритам кој се опира на секакво водство и разумност и полека но сигурна паѓа во провалија – најдобро е да ја избегнеме што е можно побрзо.

Сепак е точно дека ни треба модел, и дека ни требаат насоки и примери. За многу од нас европскиот модел е она што највеќе не инспирира – а видовме претходно до какви ужасни сопки таа имитација не има однесено. Европските достигнувања, европските техники и европскиот стил не треба веќе да не искушуваат и да ни ја нарушуваат рамнотежата.

Кога го барам Човекот во оваа Европа, го гледам само негирањето на Човекот, и една лавина од убиства.

Човечката состојба, визијата за соработката меѓу луѓето во напор да се оди напред се нови проблеми, кои бараат вистински решенија. Мора да решиме во ова, да не ја имитираме Европа, да ги здружиме силите во нова насока. Ајде да го создадеме целиот човек, кој Европа не беше способна триумфално да го створи.

Пред два века, една поранешна европска колонија реши да ја достигне Европа – Обединетите Американски Држави. Го постигна тоа толку добро што стана ново чудовиште, каде слабостите, болестите и нечовечноста на Европа достигнаа нови, страшни димензии.

Другари, зарем имаме некоја друга работа освен да создадеме трета Европа? Западот се гледаше себеси како спиритуална авантура. Во името на овој дух, и во името на духот на Европа таа успеа да ги спроведе нејзините инвазии, да ги оправда нејзините злосторства и да го легитиира ропството под кои ги држи другите четири петтини од човечкиот род.

Да, европскиот дух има чудни корени. Целата европска мисла се развила на се поопустошени места, околу кои бездните станувале се подлабоки, до таа мера што во нив се поретко можел да се сретне човекот.

Вечниот дијалог со себеси, и една се посилна и подрска нарцисоидност никогаш не престанаа да го подготвуваат патот кон една состојба на делириум, каде интелектуалната работа стана страдање, а реалнст на беше онаа на човекот што живее, работи, и се создава, туку онаа на зборовите, различните комбинации на зборови, и тензијата на нивните значења. Сепак некои Европејци ги туркаа европските работници да ја скршат нарцисоидноста и да се ослободат од оваа не-реалност.

Но општо, работниците на Европа не се одѕваа на овие повици; бидејќи тие исто веруваат дека се дел од таа огромна авантура на европскиот дух.

Сите елементи за решенијата на големите проблеми на човештвото постоеја во европската мисла, иако можеби во различни епохи. Но Европејците не ја пренесоа мисијата што им остана на плеќите во практика, не ја вложија целата своја сила во овие елементи, не ја модифицираа нивната поставеност и природа, ниту ги сменија на било кој начин за да го издигнат проблемот на човештвото на едно повисоко рамниште.

Денес се наоѓаме во Европа која е во состојба на stasis. Другари, ајде да се ослободиме од ова движење кое не се помрднува, каде постепено дијалектиката се претвора во логиката на рамнотежата. Ајде одново да го разгледаме прашањето за човештвото. Ајде да го разгледаме прашањето за умствената реалноста и умствената маса на целиот човечки род, чии врски мора да бидат зацврствени, чии канали мора да бидат променети, и чии пораки мора да бидат одново очовечени.

Дојдете браќа, имаме премногу работа пред нас и мора да јуришаме. Европа го направи она што и беше намера и тоа го направи добро – и ајде да не ја обвинуваме веќе, туку да одлучно да и кажеме дека не смее да игра на таа песна. Немаме веќе страв, ајде веќе да не и завидуваме.

Третиот Свет денес се соочува со Европа како колосална сила чија цел е да најде одговори за оние прашања кои Европа не успеала да ги одговори.

И да бидеме јасни: мора да престане да се зборува за резултати, и ефикасност, и ритамот на работата.

Нема простор за враќање кон Природата. Ова е едноставно многу конкретно прашање на заштитување на луѓето од осакатување, прашање на спречување на оние ритми кои го уништуваат умот. Изговорот дека треба да се оди напред не треба да се користи за да се злоупотреби човекот, да се откине човекот од себеси или од неговата приватност, или да се скрши и убие.

Не, не сакаме да достигнеме било кого во напредокот. Она што го сакаме е да се движиме напред, секогаш, деноноќно во присуство на Човекот, во присуство на сите луѓе. Караванот не смее да се протега долго, бидејќи тогаш ниедна колона нема да може да види кој и претстоел, а луѓето кои веќе не се препознаваат не се ни заедно, зборуваат едни со друго се помалку и помалку. Ова е прашање на Третиот Свет кој создава една нова историја на човекот, историја која ќе ги зема предвид значајните тези кои Европа ги создала, но кои истовремени нема да ги заборават нејзините злосторства, од кои најстрашните се оние направени кон сржта на човекот, со едно патолошко кинење на неговите функции и со ронење на неговото единство. Во духот на колективот се случија безброј недела, крвожедните тензии хранети од класите, расните омрази, експлоатацијата и пред се, безкрвниот геноцид што се случува кога ќе занемарите 15 илјади милиони луѓе.

Па другари, ајде да не правиме омаж на Европа со создавање нови држави, институции и општества кои се од неа инспирирани.

Човештвото чека на нешто друго наместо таква имитација, која не би било ништо друго освен непристојна карикатура. Ако сакаме да ја направиме Африка новата Европа, и Америка новата Европа, тогаш ајде да ја ставиме судбината на нашите држави на Европејците. Тие ќе знаат подобро од најнадарените меѓу нас.

Но ако сакаме човештвото да оди чекор напред, ако сакаме да му покажеме нешто што Европа не му го покажала, тогаш мораме да измислуваме и да правиме нови откритија. Ако треба да ги задоволиме очекувањата, тогаш треба да ги бараме одговорите подалеку од Европа.

И на крај, ако треба да ги задоволиме очекувањата на луѓето во Европа, тогаш не треба да им пратиме рефлексија, дури и идеална, на нивното сопствено општество, на нивната сопствена мисла од која од време на време се чувствуваат неизмерно згрозени.

За Европа, за нас и за човечноста, другари, мора да свртиме нов лист, да работиме на нови идеии и да се обидеме да го застанаме на нозе новиот човек.

Извор: https://www.marxists.org/subject/africa/fanon/conclusion.htm

| 2018-07-24T12:37:15+00:00 24 јули 2018|Актуелно, Став|