80 години од смртта на Миѓени

На 26 август 1938 година, во болницата за туберкулоза Торе Феличе во Торино (Италија), умира поетот и прозаистот Милош Ѓерѓ Никола – Миѓени. Живее 27 години, додека неговиот живот и творештво, Исмаил Кадаре ги нарекува „прекинат ураган на албанската книжевност“.

Учел во православниот семинар во Битола, а подоцна одбива да го продолжи теолошкото образование. Од 1934 до 1937 година работи како наставник во Скадар и во Пука, каде ги пишува поголемиот дел од песните и неговата проза. Во 1936 година ги објавува „Слободните стихови“, кои на крај се цензурирани од монархистичкиот режим на тогашна Албанија.

Како централна идеја во творештвото на Миѓени стои аспирацијата за еден нов свет. Нов свет во кој „обичните луѓе“ живеат слободни и среќни, чие достоинство е обезбедено и зачувано, без трепет за иднината. Овој вид на хуманизам може да се забележи во делото „Синовите на новиот век“.

Во прилог ја објавуваме песната Синовите на новиот век, а тука можете да ја прочитате исто така неговата знаменита песна Поема на бедата, која претставува своевидна тропа за угнетените и искористените, нивното венеење под чизмата на бедата, која своевремено била овозможувана од страна на буржујско-монархистичката класа.

Синовите на новиот век

Ние, синовите на новиот век,
Кого што старец во својата „светост“ го оставивме,
Тупаница за борба кренавме
За во нови битки
Да победиме…
Ние, синовите на новиот век,
Потомци на народ горкорек,
Попусто, со пот од чело полеана –
Бидејќи, земјата, залак во туѓа уста ни беше,
Душата, во некој безумен страв ни трепереше,
Нам, на синовите на новиот век, нам,
Нам, родени браќа, израснати во беда и во срам,
Кога ни отчука последниот час,
Блажениот час,
Знаевме да извикаме на глас:
Нејќеме пораз!
Во крвавата игра на историјата човечка,
Не! Пораз не! До тоа не се довлечкавме!
Победа посакуваме ние!
Победа на совеста и за Мислата нови страници.
Ги нејќеме за љубов старите скапаници.
Нејќеме „свети нешта“ да следиме,
Нејќеме во виорите на бедата пак да паѓаме,
Нејќеме тажаленки пак да редиме!
Песна еднолична, бездушна, ропска,
Осило да сме, забодено во умот на човештвото.
Ние, синовите на веков нов,
Ко факел да сме разгорени за полет,
Кон нови битки втурнати на бојно поле,
И со за победи и подвиг татковински благослов.

|2018-08-27T13:22:01+00:0027 август 2018|Актуелно, Култура|