100 години лаги против Ленин и болшевизмот (Прилог во одбрана на големата Октомвриска Социјалистичка Револуција)

Привремената влада воспоставена после Февруарската буржоаска револуција во Русија од 1917 година, а предводена од „социјалистот“ Керенски, само ја продолжи предавничката улога која западноевропските социјалдемократски партии ја имаа кон работничката класа, на начин што привремената влада ја продолжи империјалистичката војна. Оваа истоветна политика на привремената влада со претходната на Николај Втори, и колебливоста и нерешителноста на руските социјалемократи, го отворија патот на Лениновите априлски тези – „Власта на работничките совети, земјата на селаните, мир во земјата“ да добијат масовна поддршка. Поради организираноста на болшевиците и поради популарноста на нивните погледи меѓу работничката класа во поголемите индустриски центри на тогашна Русија, лагите против Ленин и болшевиците, почнаа да се произведуваат уште од самиот старт.
Согласно духовитиот заклучок на Ленин дека, „еден будала може да постави 10 прашања, кои 10 паметни луѓе не ќе можат да ги одговорат“, просторот дозволува да се осврнеме само на две клучни лаги со кои и ден денес се служат противниците на Ленин и Црвениот Октомври.

Лага бр. 1
„Ленин бил германски шпион“

После Февруарската револуција во 1917 година, привремената влада ги ослободила политичките затвореници од страна на царскиот режим, прогласила амнестија, воедно и за кадрите на болшевичката партија. Во тоа време, Ленин и мала група револуционери, биле во бегство надвор од Русија. За Ленин и болшевиците, теоријата на заговор, отприлика звучи вака:

1)„После февруарската револуција од 1917, во април истата година, Ленин стигнал во Петроград, во запечатен воз

2) … при што примил големи парични средства и германско злато, а со цел да ги саботира воените операции на Антантата (поточно Русија како нејзин член)

3) … сето тоа под директно издадени директиви на империјалистичка Германија и нејзиниот Кајзер“.

1) Се поставува прашањето: имал ли Ленин друг избор како да стигне во бремената, веќе со револуција Русија, освен преку Германија? Ако ја земеме за неспорна констатацијата дека, за еден руски револуционер, местото на настаните каде што мора да биде во тоа време е Русија, а не дотогашното скривалиште – неутрална Швајцарија, тогаш ајде да видиме дали Ленин имал друг избор. Франција и Велика Британија го одбиле барањето за пат до Русија преку нивните окупирани територии, затоа што „не можеле да му обезбедат безбедно патување“. Имено, доволна потврда за тоа е примерот на Троцки, кој во тоа време бил во САД, и обидувајќи се да се врати во Русија преку Англија (инаку сојузник од Антантата), бил веднаш уапсен од страна на британската тајна служба во Халифакс, Канада, кадешто бил држан еден месец во затвор, а ослободен само поради упорните протести за негово ослободување. Значи, Ленин немал друг избор освен барање за пат до дома (каде формално правно веќе не го гонат) да побара преку Германија. Се работи за вкрстување во исто време на два интереса: тој на германските власти да пропуштат руски комунист, револуционер во редовите на противникот да направи проблеми, и тој на рускиот револуционер, да се врати во земјата за чија добробит пишувал, организирал и животот го посветил. Апсурдот на обвинувањето за Ленин како германски агент и шпион, звучи уверливо, само и само, ако се заборави дека, трагедијата на работничката класа во Првата светска војна беше резултат на предавничката улога на западноевропските социјалдемократи и руските социјалисти и патриоти од типот на Керенски, а доколку притоа се заборави на десетиците текстови напишани од неуморниот Ленин за специфичноста на моментот, односно, како од империјалистичка војна до пролетерска револуција.

2) И ден денес, 100 години после Октомвриската револуција, за владејачката класа и нејзините медиуми и за заробените реалполитик умови, геополитиката на големите сили, а не искрениот гнев против угнетувањето, на малите револуционерни групи, е единствена моторна сила која стои зад настаните. Во светлото на таа логика, не чуди фактот, што 100 години после револуцуцијата, теоријата на заговор за „платениците болшевици од страна на германскиот Кајзер“- се’ уште е актуелна. Сепак, ниту самиот Керенски (инаку правник), ниту целиот полициски апарат на привремената влада, не успеале да најдат ниту еден доказ за овие обвинувања, коишто во голем дел, секако биле произведени од нивна страна. Точно е дека болшевиците, широко распространетата организациона мрежа за агитпропаганда, преку весници и летоци, морале да ја финансираат од некаде, сепак за тоа не им биле потребни германски финансии во вид на милиони марки и германско злато. Познато е дека, оваа мрежа функционирала перфектно цели две децении пред револуцијата, а била финансирана од легалните и илегални активности (меѓу кои и ограбување банки) на болшевиците во самата Русија. Додека, трошоците за живот и престој на великаните на Октомвриската револуција пребегнати надвор од Русија, се намирувале од донации на читателите на весниците и членовите на Болшевичката партија.

3) Самата доктрина на Ленин остана непроменета од почетокот до крајот на Првата светска војна: воената состојба на меѓусебна конфронтација на империјалистичките сили, кога работниците, облечени во патриотски униформи, веќе по силата на настаните се вооружен народ, да се сврти во револуционерна состојба за изведување на пролетерска револуција. Историјата на социјалистичките револуции, за жал, ја потврди оваа Ленинова доктрина во сета нејзина жестокост. Радикално раскрстување со стариот систем е можно само во турбулентни времиња. Како што балканските народи во текот на Втората светска војна се ослободија од јаремот на национализмот, религискиот фанатизам и „уставните монархии“, во текот на Првата светска војна, очигледно е дека, револуционерна партија на работничката класа на ниво на задачата, имало само во Русија. Дополнителното гориво за болшевиците да ја изведат епохалната задача, бил „германскиот шпион и агент Ленин, спроведувач на директно издадени директиви од империјалистичка Германија и нејзиниот Кајзер “. Да, тоа е истиот оној Ленин, чија револуција во Русија ги инспирираше германските работници да го соборат Кајзерот, а со тоа и да ја отргнат Германија од војната, оставајќи ја на крајот како губитник.
Тој е веројатно најлошиот „таен агент и шпион во историјата“, кој наместо победа за нарачателот- носи негов дефинитивен пораз и бришење од лицето на земјата на Германското Кралство.

Лага бр. 2
„Црвениот Октомври не беше револуција, туку обичен насилен пуч“

Ајде со ред. Прво да видиме дали и колку насилна била Октомвриската револуција или „Октомврискиот пуч“, за на крај да разграничиме што е револуција, а што пуч, видено во светлото на Црвениот октомври.

1) Очигледно славниот советски режисер Сергеј Ејзенштајн, и неговото славно дело „Октомври“ го креираат и натаму генералниот впечаток за освојувањето на Зимскиот дворец во кој заседаваше привремената влада. Во главните, и на широката публика познати сцени, цел баталјон морнари, војници и вооружени мажи јуришаат на Зимскиот дворец, големата железна врата пред дворецот паѓа, востаниците непрестано пукаат и фрлаат бомби додека трчаат по скалите внатре во дворецот. Сепак, тоа е само впечаток, силно врежан во меморијата на секој кој и барем гледал документарен филм за Црвениот Октомври, а во кој авторите речиси задолжително користат сцени од овој филм. Сепак, реалноста била сосема поинаква. Ленин и болшевиците го искористиле стравот на привремената влада од генералот Корнилов, кој со голема војска од фронтот се спремал да тргне кон Петроград, со намера да ја собори привремената влада. Мастер планот со еден удар да се соборат двата дотогашни сојузници (буржоазијата видена во лицето на привремената влада и аристократијата видена во лицето на реакционерот Корнилов), успеал речиси без крвопролевање во првиот момент. За настаните околу заземањето на Зимскиот дворец и неутрализирањето на привремената влада, се зборува дека, повеќе жртви имало на филмскиот сет на Ејзејнштајновиот “Октомври“ од 1927, отколку ноќта на 7 ноември 1917 година. Додека, генералот Корнилов и неговите поддржувачи биле неутрализирани со партизанска диверзија на поддржувачите на  болшевиците0  работници во железничкиот сообраќај, меѓудругото и со едноставно пренасочување на шините надвор од Петроград.
Кога сме кај насилството, потребно е да се запрашаме за критериумите според буржоаските историчари. Февруарската револуција воспостави „либерална демократија“, која ја одзема власта од рацете на царот Николај и ја предаде во рацете на буржоазијата, и нејзиниот одбор – привремената влада. Благодарение на овие историчари, Февруарската револуција во колективната свест е запамтена како мирна (иако загинале речиси 1500 луѓе).  Во исто време за овие историчари, Октомвриската револуција е преставена како крвав пир на болшевиците, иако историските факти изнесени погоре говорат нешто сосема друго.

2) Конечно, Црвениот октомври пуч, или револуција?
Пред да го ставиме „под лупа“ Црвениот октомври во светлото на оваа дилема, ајде прво теоретски да видиме која е разликата. Одговорот на следните две прашања би требало да не’ води низ натамошната анализа: Дали револуцијата е номинална промена на власта (преку промена на личности и партии на власт), или квалитативна промена на власта при која една општествена класа менува друга? И дали револуцијата е само парцијална промена во некои аспекти од општествено-економското уредување чии основи и натаму остануваат недопрени, дали револуцијата е шминка, или таа е промена на општествено-економското уредување во самите негови основи, односно таа не е шминка на грдото лице на постоечкото уредување, туку негово рушење и изградба на ново?

После толку напластени лаги согласно 100 годишната фалсификаторска традиција против Црвениот Октомври, ова се чини дека е најлесното прашање. Имено, дали Црвениот Октомври е револуција или пуч, ќе познаеме по неговите плодови. После 7 ноември 1917 година, веќе ништо не беше исто. Руските работници престанаа да бидат топовско месо за интересите на руската, француската и англиската аристократија и буржоазија. Банките беа национализирани, болшевиците еднострано ги отпишаа долговите на царскиот режим кон неговите сојузници, заеми кои Николај Втори и привремената влада ги користеа против сопствениот народ, богатејќи шака луѓе, а фрлајќи ги руските работници и селани во виорот на тоталната војна. Тој радикален чекор предизвика интервенција на империјалистичките сили во текот на Граѓанската војна (1918 – 1922). Но, Болшевичката партија и Црвената Армија, одолеа на притисокот на крилата на револуционерниот дух, кој ги опфати масите. На 1/6 од вкупната површина на планетата Земја- се докажа дека е можно да се управува општеството без капиталисити, земјопоседници и банкарски заеми. И не само да се управува, туку со гигантски чекори да се напредува. Во турбулентната историја на Советскиот Сојуз и покрај разорниот ефект на граѓанската војна, Втората светска војна и студената војна, се докажа дека револуционерна партија на работничката класа штом ја воспостави власта, може да направи такви револуционерни промени какви што не памети човековата историја. Против тие промени, и по 100 години, противниците на Црвениот Октомври останува да продолжат оркестрирано да напаѓаат, фабрикуваат и лажат.
Црвениот Октомври живее и повикува на нови борби против лагите и подметнувањата, нови борби за целосна еманципација на работничката класа и ослободување од стегите на капитализмот.

Автор: Зоран Василески

|2018-01-28T19:46:51+00:007 ноември 2017|Актуелно, Некатегоризирано, Свет, Став|