Нееднаквата еднаквост и кризната Пандорина кутија

Во Орвеловски стил пред некој ден Зоран Заев нејасно од која позиција и поради која должност објави една мерка за еднаквост во која „едни животни се поеднакви од другите“. Имено, експремиерот посочи мерка за урамнување на приходите во рок од два месеци на сите јавни службеници. Урамнувањево  ниту е солидарност, ниту е еднаквост, туку чиста перверзија и класичен популизам. Сега, формално еднакви се и оние кои со години земаат плати од  60.000 денари и оние кои земаат по 21-25.000 денари, но и помалку. Со овој чекор од старт се создава нееднаквост ако се земе предвид дека службениците од висок ранг со години трупале вишок вредности и воедно имаат свои бизниси, додека пониските службеници кои живеат под кирија, отплаќаат кредити, школуваат деца со цел нормално да живеат и енормно се задолжуваат. Всушност со оваа мерка  работникот е двојно оштетен. Поради кризната состојба има нови и непланирани издатоци, а сега се намалува и неговиот приход. Сѐ ова се прави во име на солидарноста. Солидарноста е потполно поинакво нешто, исто како и еднаквоста. Овие термини не означуваат состојба на некое страдање во кое едни страдаат двојно повеќе од други! Пишував и претходно дека оваа криза ќе ги извади на видело сите економски, здравствени и образовни грешки коишто се прават и станаа општествен систем во последниве 30 години. Предложениот минималец не е доволен ни за да се покријат основните трошоци на едно просечно семејство! Факт кој со години се избегнува! Податок кој говори во каква незавидна позиција опстојува еден голем дел од македонското општество. Во овој случај многу подобро ќе беше доколку се искористеа средствата кои ги има државата во јавно-приватните партнерства и реквизиција на средствата од економски силните и стабилни компании,  со цел да се ублажи кризата. Ова би се случило доколку нашата држава беше држава и економски мудра па немаше 90 проценти од својот посед да го уништи, со цел ефтин откуп и приватизација од страна на партиските моќници. Од друга страна веднаш се јави и втората голема партија, ВМРО-ДПМНЕ, која политикантски даде едно „соломоново“ решение, само високите функционери да се окажат од примањата. Ниту едната ниту другата предлог мерка не е решение, туку сув популизам, провиден до тој степен што истото е едвај атрактивно само за партиските приврзаници.

Покрај предлог економските мерки, особено проблематични и интересни за анализа се потфатите кои со уредби се преземаат во воспитно-образовните дејности.  Македонија располага со ниска техничка подготвеност, покриеноста со интернет на целата територија е 80%, додека информатичката писменост на ниво на целата држава е блиску до процентот со опфатотот на интернетот. Огромен дел од наставничкиот кадар не поседува соодветни вештини за користење на оваа технологија и начин на работа, а некои немаат ни минимум технички услови. Она што до сега беа само идеи од 23.3.2020 година, стапија во сила. Министерството ги задолжи воспитно-образовните институции да го продолжат воспитно-образовниот процес на далечина, притоа не утврдувајќи како. Практично оваа уредба нема никакво друго значење освен декларативно, инспирирана од чекорите кои се преземаат во другите земји, кои патем се соочуваат со слични проблеми иако имаат далеку поразвиен технички и кадровски потенцијал. Треба да се каже дека ние не поседуваме доволен број електронски публикации од кои може оние што до овој момент не успеале да обезбедат литература, да продолжат со наставата. Тука особено се истакнуваат државните Универзитети кои најмногу се базираат на печатена литература која дополнително треба да се скенира па така да се обезбеди основен учебен материјал. Проблем за кој се пишува и зборува со години, но токму сега излезе од под тепих! Потребни се уште и соодветни технички платформи кои треба да бидат бесплатни за сите нивоа бидејќи по закон, основното и средното образование се бесплатни, а студентите веќе пред месец дена извршија уплата на нов семестар! Оваа уредба, како и претходната предлог мерка се ништожни и во овој случај нереални! Нивната примена доведува само до еден хаос од грандиозни размери, за кој ќе треба додатно време истиот да се расчисти. Во овој случај најдоброто решение, за жал, е одлагањето на активностите и интензивното работење на недостатоците од секоја природа.

Трагичното е што оваа ситуација покажа колку не сме спремни и немаме капацитет да се соочиме со некој предизвик. Ова се должи на 30 годишното преземање на декларативни и нецелоисходни мерки, несоодветен начин на едукација, немање желба да се изработи систем и протокол кој ќе е стабилен. Во овој момент Пандорината кутија е отворена и сѐ што излегува од неа е резултат на сѐ претходно што останало сработено по она што јас го ословувам како османлиски тип на реформа. Во суштина, тие реформи и чекори, се само правење фасада пред странците со никаква практична ефектива! Допринесуваат единствено кон создавање додатен хаос и проблеми кои најверојатно ни се најстабилната долгорочна инвестиција која постојано се ажурира и дополнува.

Толку за овие мерки, уредби и решенија, сега малку за народот. Гадно е да се гледа како посветено и среќно, „солидарно и еднакво“, сите вработени по партиска линија, патем членови на партијата (се препознаваат по константната поддршка на партијата на власт и безмозочното однесување, односно слепо прифаќање на секоја директива како профилните на Фб) постојано ги поздравуваат мерките кои излегувааат од нивните штабови. Подеднакво активни се и во константното обострано критизерство. Зошто критизерство, а не критика? Критиката претставува негирање и разгледување  на нешто од емпириски аспект, додека критизерството претставува обично дофрлање, театар за гласачите. Во нашиот случај онаа Шекспировата „Животот е театар“ има буквално значење! Мерките и уредбите ќе ги удрат токму нив, кои најчесто се од сиромашен и среден слој и кои единствениот спас го видоа и добија во проституирање на својата личност за партиски цели. Жална е таа слика кога експлоатираната жртва е среќна и благодарна што е жртва, покажувајќи дека нема капацитет и дека не знае за подобро. За неа најдоброто нешто е зборот на водачот, макар и тој збор да одекнува и повикува кон бездна, таа со задоволство ќе скокне. А зошто? Навикната дека само со поголема сервилност се качува еден круг погоре во Орвеловиот свет на поеднаквите животни, ќе скокне во име на тоа дека во некое идно време, во некој иден свет, таа ќе е поуспешна и посреќна. Таква е современата догма на партијата и безмозочниот следбеник, на поеднаквите животни и останатата стока која ги следи, кажано во Орвеловски дух!

„Критика кон сѐ и секого“ – Карл Маркс.

Васко Гичевски

*Ставовите изразени во колумната не нужно се поклопуваат со ставовите на редакцијата.
|2020-03-26T10:30:33+00:0026 март 2020|Актуелно, Став|