Што со Скопје 2014?

Доколку за градот и понатаму се одлучува зад затворени врати, во градски совети и владини кабинети, проектот Скопје 2014 ќе продолжи да живее. А со него и она што го донесе.

Скопје 2014 е производ на акумулација на капиталот и политичката моќ во рацете на неколкумина, процес кој започна и пред 2010, годината кога проектот беше обзнанен. Годините на авторитарно владеење не случајно започнаа со овој проект. Тој беше параванот зад кој се материјализаше идејата за комплетно приватизирање на јавниот простор, уништување на секој обид за граѓанско или работничко организирање и воспоставување на доминантен националистички наратив со кој се парализираа социјалните и економски барања на осиромашените Македонци, Албанци, Роми, Турци… Да не заборавиме, паралелно со изградбата на Скопје 2014 дефакто се приватизираа илјадници хектари државно земјоделско земјиште кое се додели на приватни компании и поединци на повеќе децениско користење, мултинационални компании беа изземени од националното законодаство, парламентот се претвори во нем посматрач наместо законодавно тело…

 

Скопје 2014 беше алатка со која се настојуваше да се уништи главниот град како простор за политичка борба. Скопје 2014 го претвори градот во продукт за конзумација, во објект за продажба, во простор за шпекулација. Заедно со барокните гротески врз колку ли детски игралишта, паркови и парк-шуми се изградија деловни објекти, станбени згради, хотели? Колку од нив денес зјаат празни? Која е вистинската цена што скопјани ја платија со своето здравје? Дали оние што го изградија Скопје 2014 ќе го дозволат неговото разградување, ќе го признаат криминалот и споделат со оние коишто немаат она што на коруптивен начин го создадоа? Како може да се спротиставиме на оваа економска и политичка хегемонија?

Заедно со дебатата за отстранување на објектите изградени со проектот Скопје 2014 ќе мора да се воспостави нов демократски систем според кој граѓаните ќе одлучуваат како ќе се троши градскиот и државниот буџет. Можеби треба да учиме од градовите Бело Хоризонте и Порто Алегре во Бразил каде граѓаните и граѓанските пленуми решаваат како и каде да се трошат градските пари. Отпорот против Скопје 2014 не може да биде ексклузивно насочен кон отстранување на објектите, иако тоа треба да е еден од приоритетите. Тој мора да биде насочен и кон создавање на нови начини на демократско организирање. Во тој контекст борбата против Скопје 2014 само што започна.

 

| 2017-06-13T13:54:46+00:00 19 мај 2017|Актуелно, Вести, Скопје, Став|