Студентите го изгласаа својот прв легитимен претседател

СКОПЈЕ, 13.02.2020 – Кулминацијата на децениската борба за легитимно претставнично тело на студентите од УКИМ доби свој расплет. Денеска по три часа расправа во 20:00 часот во просториите на Ректоратот на УКИМ, 46 делегати (од кои 4 отсутни) од 23 факултетски собранија гласаа за претседател на Универзитетското студентско собрание. За прв претседател на Универзитетското студентско собрание беше избран Борјан Ефтимов.

За разлика од неговиот претходник СПУКМ (Студентскиот Парламент при Универзитетот св. Кирил и Методиј) ова студентско тело ужива значително поголем легитимитет кај студентите кои ги претставува.  Истиот го заслужи на последните избори кои беа одржани пред неполни два месеци на кои повеќе од ¼ од студентите излегоа да го дадат својот глас за студентски претставник. Ваквите охрабрувачки бројки говорат за легитимноста на студентското собрание и нејзиниот претседател, особено кога истите ќе се споредат со резултатите од изборите спороведени изминатата деценија. Имено, едно истражување спроведено од невладината организација МОФ направено во 2014, вели дека 86% од студентите никогаш во текот на своето студирање не гласале на студентски избори во нивниот факултет. Во истото истражување спроведено од Александра Живковиќ, студентите на УКИМ не го знаеле ниту името на претседателот на Студентскиот Парламент на нивниот факултет (84%), ниту пак на претседателот на Студентскиот Парламент на Универзитетот (70%). На прашањата за вклученост во работата на студентските парламенти, дури 70% од студените на УКИМ изјавиле дека немаат учествувано во ниту една активност спроведена од СПУКМ. Ова истражување јасно укажува на тоа дека СПУКМ воопшто не се потпирал на никаков легитимитет кај студентите.

Скоро секој избор на студентски претседател организиран од СПУКМ, покрај тоа што беше без излезеност, поминуваше со некаков скандал. Најкритичен од нив беше последниот, на кој целосно беше делегитимиран процесот на гласање со закажување на изборите надвор од сезона на предавања, со никаква транспарентност, со крадење на кутии, па дури и со употреба на физичка сила од страна на ЕБР врз студентите кои оправдано го оспоруваа овој процес.

За разлика од тие избори, новата студентска организација уште од самиот почеток организира транспарентни демократски избори, во фер услови, со кандидати кои произлегуваат од самите студенти. Просечната излезеност на овие избори изнесуваше 25% од севкупната бројка на студенти на УКИМ, додека на некои  факултети таа надминуваше 49% (Архитектонски факултет).

Резултатот од тие избори беше конституирањето на факултетските собранија, кое се случи во периодот ноември-декември минатата година. Секој факултет доби свое студентско собрание. Изборниот процес официјално заврши со денешната седница на Универзитетското студентско собрание, каде што 46 делегати (по 2 делегати од секое Факултетско собрание) гласаа за претседател на Универзитетското Студентско Собрание. Изборот што делегатите го имаа беше помеѓу Борјан Ефтимов кандидат од Правниот факултет и Александар Ѓорѓиевски,  кандидат од ФИНКИ. Борјан Ефтимов доби 25 гласа (од вкупно 42) и со тоа стана првиот легитимен претседател на студентите на УКИМ. На процесот му претходеше дебата меѓу кандидатите, прва од својот вид. Имено, вчера на Архитектонскиот факултет, кандидатите учествуваа во речиси двочасовна дебата каде ги презентираа своите програми и одговараа на прашања од присутните студенти. Борјан Ефтимов довербата на делегатите ја заработи како токму на својата програма. Во неа јасно се потенцирани проблемите со кои се соочуваат студентите, но и проблемите со кои се соочува универзитетот. Во програмата можат да се најдат проекти од дигитализација на услугите на факултетот, што треба да ја намали бирократијата со која се соочуваат студентите, преку укинување на скриените трошоци (таксени марки, плаќања за разни уверенија, книжни фондови итн.) во студирањето, до потегнување иницијатива за зголемување на финансиите што државата ги издвојува за образование и наука, поспецифично зголемување на финансирањето на самите универзитети и зголемување на буџетот за научни истражувања. Во неговата програма не изостанаа и проекти кои треба да ги основаат културно-рекреативните активности (бидејќи досега воопшто не постоеја) кај студентите: создавање Студентски културен центар, потегнување спортски лиги итн.

Можеби најважната одлика на политиките кои Борјан ги застапува е демократизацијата на студентското организирање. Како што тој самиот на вчерашната дебата помеѓу кандидатите за претседател на УСС, изјави: „Јас нема да бидам претседател отуѓен од студентите, јас само ќе ги организирам и координирам нивните активности и ќе ги следам нивните барања. Студентите се тие, кои самите треба да се изборат за своите права, а јас со својата позиција ќе се борам тие да ги осигураат нив.“

Новото студентско собрание со сите свои компоненти ветува многу. Најголемата шанса што тоа ја има е конечно да создаде независна студентска политика и култура. Да влијае во создавањето независни и храбри студенти кои се посветени на своето студирање и правата кои следуваат со него. За крај, него му претстои напорна работа, пред сѐ да ја заработи довербата кај студентите, а потоа и да ги оствари своите цели.

Пишува: Стефан Видиков

|2020-02-13T19:19:49+00:0013 февруари 2020|Актуелно, Вести, Кампања, Некатегоризирано|